Колумна: Неделата како неработен ден

Колумна: Неделата како неработен ден

Автор: Памела Павловска – студент во втора година правни студии на Правниот факултет “Јустинијан Први

“Take time to appreciate employees and they will reciprocate in a thousand ways.”  -Bob Nelson  

Вовед

Како што знаеме  сите, во моментов во нашата држава Република Северна Македонија се размислува за донесување на нов закон, а тоа е Законот за прогласување на неделата како неработен ден, и во однос на тоа се јавуваат многу ставови и размислувања, како за така и против. Најпрвин, јас би се сложила дека  неделата треба да биде неработен ден за сите луѓе во  оние  дејности каде што нема да е пречка да имаат еден  слободен  ден  во неделата бидејќи секој човек има право на одмор. Постои и Божја заповед, која вели токму вака: “Памти го денот на одмор, за да го празнуваш; шест дена работи и заврши ги во нив сите работи, а седмиот ден е одмор на Господа, твојот Бог”.  

Каква цел и придобивки ќе има од донесувањето на овој закон?

Оваа  одлука   има  една  важна  цел, а  тоа  е  всушност  да  се  постигне  социјална   рамноправност   и   заштита   на   работничките   права. Неделниот   одмор  мора   да    му  се   остави   на   располагање   на    секој   работник,  без  оглед на  тоа   дали   работи   со   полно   или   скратено   работно   време. Овој  одмор   исто  така   на    работникот   му   обезбедува   со   цел   да  се  заштити  од  претераната   премореност  од  работата, која  би  можела  да  ја  загрози  неговата  психофизичка  способност  и   му   овозможува   на   работникот   поефикасно   завршување  на  своите  работни  обврски. На  пример, во  повеќето европски земји  меѓу кои се Германија, Италија, Франција, Португалија, Унгарија,  и   Словенија   која  последна  го  донесе  овој  закон,  мнозинството од работниците да не работат  во  недела. Споредбено  со овие земји, таму  се   функционира  одлично  и  сите   работници  се  задоволни, одморени  а  со  тоа  и  попродуктивни, така  што   сметам   дека   не  би  требало  да   е   проблем   доколку  и   во  нашата  држава  се  донесе  овој  закон. Исто  така,  имаме  добар  пример   каде  што  се   виде   дека   општеството  може  да   функционира   дури   и   во  услови   на    Светска   здравствена   криза,  предизвикана   од    Ковид – 19, каде  се   покажа   дека   повеќе   од   потребно   е   недела   да   биде   неработен   ден   за   сите   работници   со  исклучок   на   некои  дејности  како  што   се   здравството, полицијата, пожарникарите  итн. Од друга страна во Република Северна Македонија многу работници особено во дејностите како трговија, угостителство, туризам, градежништво и други работат и по седум денови во неделата и поради тоа немаат доволно време да му посветат на своето семејство или на социјалниот живот. Покрај работата, доста е важен и социјалниот живот за да може добро да функционира самиот човек односно работникот. Психичкото и физичкото здравје треба да ги цениме за да може да ги извршуваме сите работни обврски во текот на денот. Од друга страна, со донесувањето на овој закон сметам дека ќе има многу придобивки и за работниците и за работодавачите, а со тоа и економијата ќе биде постабилна затоа што е докажано дека работниците работат подобро, поефективно и попродуктивно кога се одморени, инаку доколку постојано чувствуваат замор, тие нема да работат како што треба и со тоа ќе опаѓа економијата. Тоа би било лошо за државата доколку западне во економска криза бидејќи ќе биде тешко да се справи со кризата. Некои работодавачи не се согласуваат со ваквиот предлог бидејќи постои ризик од намалување на приходите, и да, тоа е точно, но сметам дека за секој проблем има и решение. Во текот на целата работна недела од понеделник до сабота сите ќе имаат доволно интензивна работа без прекин на работните обврски, така што мислам дека пак ќе имаат доволно приходи пред се за егзистенција, а потоа и економијата во државата ќе биде стабилна. Работниците се тие кои што придонесуваат најмногу и сметам дека треба да се унапредат нивните работнички права. Доколку би се донел овој закон и на пример ако не бидат опфатени сите работници, во тој случај мислам дека најдобро решение ќе биде тие работници што ќе продолжат да работат во недела, да им биде плаќана поголема дневница и на тој начин најдобро ќе се цени нивниот труд што го вложуваат.

Компарација помеѓу Република Северна Македонија и Република Германија

Македонската трудово-правна реалност е значително тешка и сурова, но да бидеме оптимисти, можеже да кажеме дека ситуацијата не е неизлечива. Со унапредување на работничките права сметам дека ситуацијата ќе се подобри, и работниците нема да си заминуваат од нашата земја барајќи подобри услови за живот. Конкретно за овој случај, да споредиме дека во Република Германија работниците се многу задоволни бидејќи се подобро платени за нивниот труд, и исто така тие не работат за време на викендите, односно во сабота и недела тие си имаат слободно време кое го поминуваат со своите најблиски. За разлика од Република Северна Македонија каде што навистина е потребно да се донесе Законот за прогласување на неделата како неработен ден за да бидеме навистина модерна земја со европски стандарди. Во Република Германија, исто како и во секоја друга Европска земја, работниците имаат бесплатен превоз, храна, заштитна опрема за поголема безбедност при работа, додека кај нас работниците сето ова мораат сами да си обезбедат. Доколку некој работник во Република Германија работи во недела бидејќи дејноста на работата е таква што не може да биде прекинат процесот на производство, тогаш на работникот му се плаќа поголема дневница од вообичаената за да не биде залуден трудот, додека пак кај нас не им се дава доволна добра дневница за егзистенција на работниците. За ова исто така добро решение ќе биде работниците да се здружуваат масовно преку синдикати за да си ги бараат своите права, и сметам дека на тој начин тие ќе успеат да се изборат за своите права бидејќи пред се, работничките права се и човекови права, и само така со борба за постигнување на целите, ќе успееме да станеме модерна земја со европски стандарди како што е Република Германија и сите други членки на Европската Унија.

Заклучок

 Согласно  со   Конвенцијата   на   МОТ  бр.106  за   неделен   одмор,  се  вели   дека   саботата   и   неделата  се   денови  на  неделен   одмор   заради   почитување   на   семејните   традиции  и  заштита на  правата. Сите   досегашни   анализи   и   примери   покажуваат   дека   работникот  ќе   биде   попродуктивен, ќе има повеќе време за семејството, за одмор и професионално надградување и дообразување, поврзано и со здравјето на работниците, а обврските можат да се завршат во текот на неделата, а истовремено  да   не   трпи  ниту  бизнисот, ниту  работниците   и  граѓаните. Јас  се   сложувам   целосно  со  ставот  на   синдикалката  Кристина  Ампева  од  здружението  “Гласен  текстилец”   дека   кога   веќе   се   стремиме   да   станеме   членка  на   Европската   унија, треба   да   носиме  и   европски  закони  во   кои   работниците   ќе   имаат   повеќе   права. Со  унапредувањето   на   работничките   права  и   со   создавање   на   правна   рамка  за   почитување  на   демократските   вредности   верувам   дека  ќе   се   изнајде  правно  решение   со   кое   неделата  ќе   биде   неработен   ден.

Leave a Reply